Организации
Друштво за помош на деца со аутизам
За прв пат во Република Македонија, во 1995 година, во рамките на Семинарот за децата со аутизам во Струга, формирано е Друштво за помош на деца со аутизам. Мегутоа, до 1998 година ова друштво не покажа доволна активност, со новиот закон требаше да се пререгистрира во судскиот регистер и да се внесе во евиденција.
Сегашното Друштво за помош на деца со аутизам на Република Македонија е обновено на 12.01.1999 година по иницијатива на дел од дотогашните членови и други родители и стручни лица – ентузијасти кои повеќе години се занимаваат со деца со ментален хендикеп.
Уште на самиот почеток се поставија основните цели и задачи на Друштвото кои можат да се подредат во четири области.
Прво, превземање на активности за навремена интеграција на децата со аутизам во соодветен едукативен третман како и давање поддршка на семејствата кои на ваков начин се изложени на хроничен стрес.
Второ, правилен избор на медикаментозен третман: со лекови, диети и др., кои благовремено, поволно ќе делуваат врз клиничката слика на аутизмот и ќе придонесат за побрзо и поадекватно социјализирање на овие деца.
Трета област во која треба Друштвото максимално да се изрази е широка популаризација на проблемот “Аутизам” преку разни предавања, ТВ емисии, трибини и различен пропаганден материјал, се со цел за навремено откривање на овие деца.
Во четвртата област е вклучена научно-истражувачката дејност, кај нас и во светот, следење на најновите светски достигнувања од областа на аутизмот и активно учество на овој план.
Приоритетна задача на Друштвото е отворање на дневен центар во Скопје и изготвување на регистер во кој ќе бидат евидентирани сите деца со аутизам во Република Македонија.
Седиштето на Друштвото е на Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет во Скопје, булевар Крсте Мисирков бб
Лице за контакт е претседателот на Друштвото, телефон 2775 411
Претседател на Друштвото,
Тања Панковска